27/07/2026
🇲🇰🤝🇫🇷 Кога органското производство станува заеднички јазик, знаењето нема граници 🌿
Во изминатите три дена имавме особена чест, заедно со нашите пријатели и партнери од B Organic и Kmetija Vineyard да бидеме домаќини на Авалин, Полин и Матис – студенти по земјоделски науки на реномираниот AgriParisTech, дел од Université Paris-Saclay во Франција и членови на студентската Association NALIA, кои своето истражувачко патување низ Балканот го посветуваат на одржливото земјоделство и органското производство.
Во KUVET им ја претставивме нашата приказна – од органските насади со калинка, преку производството на ладно цеден сок од калинка, до нашата посветеност кон развојот на маслинарството и создавањето висококвалитетно екстра девствено маслиново масло. Разговаравме за предизвиците и можностите на современото земјоделство, за вредноста на локалното производство, кратките синџири на снабдување и за тоа како традицијата и иновациите можат успешно да одат рака под рака.
Посебно ни е драго што има можност да се споделат искуства со млади луѓе кои веќе еден месец патуваат низ Балканот, посетувајќи органски фарми, разговарајќи со производители и истражувајќи ги различните модели на земјоделски развој. Сите тие искуства ќе ги преточат во патопис и анализа за органското производство, одржливите практики и европските земјоделски политики, кој со нетрпение го очекуваме😄
Веруваме дека ваквите средби се најдобар доказ дека иднината на земјоделството се гради преку отворена размена на знаење, меѓународна соработка и меѓусебна инспирација.
Голема благодарност до Авалин, Полин и Матис за интересните разговори, љубопитноста и ентузијазмот.
Им посакуваме успешно продолжение на нивното балканско патување и се надеваме дека повторно ќе се сретнеме – можеби следниот пат во време на бербата на калинките или маслинките. 🫒❤️